Развоен пат на СУГС Арсени Јовков- Скопје

1964-2019

Периодот од 55 години е долг, со што можеме да ја констатираме оправданоста на нашето постоење и да заклучиме дека сме живо присутни во катадневието на нашиот град и нашата држава. Пред 55 години на 03 ноември 1964 година Општинското собрание на Општина Кале го основа ЕУ Моша Пијаде – Скопје.

Ова училиште работи самостојно од 01 јануари 1965 година. Дотогаш беше дел од Економското училиште Борис Кидрич. Во учебната 1965/1966 година се запишани 982 ученика во 28 паралелки, а наставниот процес го организираат и водат: еден директор, триесет и четири професори, еден секретар и помошен персонал составен од еден режисер, еден ложач и единаесет помошни работници. Наставата се одржуваше во зградите на повеќе основни училишта. Оваа поделеност на училиштето се одрази врз целокупната работа. Условите за работа беа крајно лоши, но ентузијазмот на вработените успеа да го задржи на солидно ниво воспитно-образовниот процес.

Под вакви тешки услови се работеше се до учебната 1971/1972 година. На тешкотиите им се виде крајот. Се изгради ново училиште. Новата училишна зграда беше готова по долго чекање и многу ангажирање, а наставата почна да се изведува во задоволителни услови. На 15 декември 1973 година Собирот на работни луѓе на училиштето го донесе Статутот на училиштето. Со овој акт, воспитно-образовниот процес доби една повисока димензија, на задоволство на вработените и учениците. Ваквата оптимална состојба траеше до 1976/1977 година, кога повторно се нависнаа темни облаци. Но, и во ваквите услови интересот за школување на учениците во училиштето беше големо. Тоа го покажува фактот што секоја учебна година на конкурсот за триста и шеесет места во прва година се јавуваат преку илјада кандидати. Ова пред сè е последица на реномето што го ужива училиштето, како и големиот интерес за насоката економски техничар.

Од година во година бројот на ученици сè повеке расте, а со тоа расте и бројот на наставниот и техничкиот кадар. Од 1986 година почна нов период на квалитетно работење. Се формираше кабинет по информатика со најсовремена опрема и кабинет по биротехника, што е резултат на ентузијазам, самофинансирање и донаторство. Во овој период се постигнаа најголеми резултати и успеси на училиштето. Оваа состојба траеше сè до 1993 година која повторно е година на бурни промени. На предлог на Министерството за образование и физичка култура, се започна со процесот за припојување на Средното стенодактилографско училиште - Димитар Митрев кон Економското училиште Моша Пијаде и основање на училишен центар за економија и биротехника. Од 23 декември 1994 година овие две училишта почнаа да функционираат како еден правен субјект. Училишниот Совет на ЕУ Моша Пијаде на 07 април 1993 година донесе одлука за промена на името на училиштето од Моша Пијаде во Арсени Јовков, која на 19 август 1993 година беше регистрирана од страна на Републичкиот завод за статистика. Почетокот на учебната година го означи и почетокот на работењето на првиот од најголемите училишни центри во Македонија, Училишниот центар за економија и биротехника Арсени Јовков.

Во натамошниот период училиштето се самофинансираше, а го водеа групни ентузијасти, тогашни вонредни и редовни наставници. Наставата во училиштето се одвиваше на македонски јазик, но застапеност на ученици имаше од сите националности Во училиштето се школуваа Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и други.

Денес, Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ е меѓу најголемите образовни центри во државава. Учениците учат на двете насоки деловен секретар и економски техничар, наставата се одвива на македонски и албански наставен јазик.

Се надеваме дека овој кус преглед за работата на нашето училиште овозможи да се запознаете со нашите тешкотии низ кои сме минале и минуваме, но истовремено да ве запознаеме со фактот дека сме ја исполнувале и ја исполнуваме основната задача: воспитување и образување на нашите млади кадри потребни за нашето општество. Кадрите кој ние ги образуваме и ќе ги образуваме го даваат својот удел на потребите на пазарот на трудот во нашата Република Северна Македонија.