Одбележан Светскиот ден на мирот

На 21 септември, 2021 година учениците на СЕПУГС „Арсени Јовков“ се вклучија во низа активности со кои го одбележаа Светскиот ден на мирот. 

Под водство на предметните професори Енвер Ајдини и Верица Рабаџиска, група ученици кои учат на различни наставни јазици приредија мини-манифестација во училишниот хол, на која се презентираа видео пораки за мир и љубов. Веднаш потоа, учениците излегоа во училишниот двор каде ги оставија своите испишани пораки за мир.

Истовремено, овој ден беше искористен и за реализација на првите заеднички часови во оваа учебна година на ученици кои наставата ја следат на различен наставен јазик. Со оглед на тоа што заедничките часови подразбираат спојување на две паралелки истовремено, што во моментот е оневозможено заради строгите протоколи под кои се изведува наставата, училиштето одлучи овие часови денес да се реализираат на отворено, во училишниот двор. Училниците по англиски и француски јазик за четврта година денес се трансформираа во отворени училници, а беа и тематски насочени по повод Светскиот ден на мирот. Добрите временски услови придонесоа оваа уникатна можност за заедничко учење и дружба да се реализира, а впечатоците на учениците од овие училници на отворено се навистина позитивни, што се потврдува и со нивното барање за повторен час на отворено. Одговорни за училниците на отворено беа професорките по англиски јазик Убавка Исијановска и Беса Кадриу Асани, како и професорите по француски јазик Стефанка Дуковска и Шенол Сулејмани.

За спортските активности беа задолжени професорите Шкодран Ебиби и Крсте Војнески кои го одбележаа денот со пријателски натпревар по одбојка со мешани тимови од ученици од втора година кои наставата ја следат на албански и на македонски наставен јазик.

Сите овие активности се со цел училиштето да поттикнува Мировно образование и да укажува на тоа дека мирот е на секој чекор и зависи од секој од нас. Истовремено, заедничките училници на отворено им овозможија и на останатите ученици да ѕирнат во овие заеднички часови и да укажат дека сите имаме заеднички идеали и цели.

Вистински училиштен ден за уживање! Дел од атмосферата ви пренесуваме во галеријата десно.

 

Logo

СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје

  • ул. „Ќемал Сејфула“ бр. 35, нас. Бутел 1000 Скопје, Македонија
  • Телефон: +389 (02) 2611-195
  • Е-пошта: arseni_jovkov2004@yahoo.com

Мапа со локација