Трето место на државниот натпревар за иновации и претприемништво

Во организација на Град Скопје, Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет – Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, The World Congress of Entrepreneurs, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) и Меѓународен економски форум „ПЕРСПЕКТИВИ“, во периодот од 25.9.2019 до 17.10.2019 година се организираше државниот натпревар „Народот кој има ваква претприемачка младина, не треба да се плаши за својата иднина“, на кој учествуваа 5 ученика од трета година на македонски наставен јазик заедно со одговорните наставници по економски предмети Виолета Спасеска-Китановиќ и Маја Акимовска-Петровска.

Сѐ започна со обука која се реализираше вo рамките на Третиот меѓународен саем за иновации, патенти и нови технологии „ИНОВАМАК 2019“ во Домот на АРМ на 25.9.2019 година. Тимот „Економисти АЈ“ учествуваше на полуфиналниот натпревар за најдобар бизнис концепт – „Народот кој има ваква претприемачка младина, не треба да се плаши за својата иднина“ на Машинскот факултет во Скопје на 14.10.2019 година. Откако секој од тимовите се презентираше и одговараше на прашањата на комисијата, следеше прогласувањето на финалистите. Во финалето влегоа осум од петнаесет тимови. Во прогласените финалисти влезе и нашиот тим „Економисти АЈ“.

Следеше финалниот натпревар, кој се одржа во рамките на Вториот светски конгрес на претприемачи, што значи дека жири-комисијата беше збогатена од онаа од полуфиналниот натпревар со уште три странски претставника. Од тие причини, бизнис концептите на секој од тимовите беа пратени и на англиски јазик. Финалниот натпревар, кој се одржа во Хотел “Double Tree by Hilton” во Скопје, го водеше проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Машинскиот факултет во Скопје. Свое обраќање на настанот имаше и проф. д-р Бернард Халиер од Германија, Европската академија за малопродажба: „Претприемачки дух на студенти“.

Нашиот тим „Економисти АЈ“ и на финалниот натпревар се претстави прв со својот бизнис концепт „Прибор што се јаде“. Откако секој од тимовите презентираше и откако одговараше на прашањата на комисијата која прашањата ги поставуваше на англиски јазик, следеше доделувањето на поени од страна на комисијата и прогласувањето на победниците.

На првите три места им беа доделени симболични награди. Нашиот тим влезе во наградените тимови на третото место. На натпреварот учествуваа учениците од трета година: Теодора Спасенцовска, Тереза Кузмановиќ, Кристијан Нешковиќ, Душко Димитриевски и Амир Шкриељ. Учениците беа под менторство  на наставниците по економски предмети Виолета Спасеска-Китановиќ и Маја Акимовска-Петровска

Документи

Галерија

Logo

СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје

  • ул. „Ќемал Сејфула“ бр. 35, нас. Бутел 1000 Скопје, Македонија
  • Телефон: +389 (02) 2611-195
  • Е-пошта: arseni_jovkov2004@yahoo.com

Мапа со локација