Евроамбасадорот во посета на нашето училиште

На 12 април, 2019 г. амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар, го посети нашето училиште. Учениците на СЕПУГС „Арсени Јовков“ имаа уникатна можност да дебатираат со амбасадорот поставувајќи му прашања и претставувајќи ги своите погледи, но и младешка нетрпеливост за подобра иднина.

Модератор на дебатата беше Емилија Белогаска, која се потсети на своите средношколски денови поминати во СЕПУГС „Арсени Јовков“.

Преку оваа дебата училиштето уште еднаш ја презентираше мултиетничката функционалност, низ процесот на меѓуетничка интеграција во образовниот процес, што е наше секојдневие.

КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА

На ден 13 февруари во просториите на Црвен Крст – Чаир се одржа крводарителска акција под мотото ПОДАРИ КРВ – ПОДАРИ ЖИВОТ.

Крводарители оваа година беа и учениците од четврта година од СУГС „Арсени Јовков“. Имаше солидна бројка на заинтересирани, но од страна на докторите од Одделот за трансфузиологија само на четири ученици им беше дозволено да даруваат. Оваа акција се одржа по петти пат оваа година по повод Денот на вљубените.

Вакви хуманитарни крводарителски акции честопати се одржуваат и во нашето училиште, а интересот е секогаш голем. Ова ја покажува хуманоста на нашите ученици.

ОНЛАЈН СО ПРИРОДАТА – ДЕН НА ЕКОЛОГИЈАТА

По повод 21 март денот на екологијата, СЕПУГС „Арсени Јовков“ во соработка со Општина Бутел организираше настан во рамките на проектот „Онлајн со природата“. Темата која ја обработуваше настанот беше Здравјето и благосостојбата.

Настанот започна во 11 часот со настапот на децата од детската градинка „11 Октомври“ од Општина Бутел. После нивниот настап следеше обраќањето на градоначалникот на Општина Бутел, г-дин Велимир Смилевски после што следеше најавување на петте тимови кои имаа за задача да реализираат различни активности во врска со темата Здравјето и благосостојбата. За таа цел првиот тим, имаше вклучено 10 ученици кои пишуваа екопораки кои подоцна ги прочитаа, вториот тим облекоа залени маици кои им ги подари Општината Бутел и отидоа во екопатрола, делејќи флаери во врска со екологијата, третиот тим почна со цртање на екокодот на ѕидот од школото, четвртиот тим засади цвеќиња во дворот на училиштето и на крај петиот тим ја разубави целата манифестација со преубава ревија на модели од рециклиран материјал.

Откако тимовите започнаа со нивните активности, следеше презентација за чист воздух подготвена од ученици и професори.

После презентацијата започнаа предавањата од екомотиваторите, после што следеше дебата во која учествуваа ученици од СЕПУГС „Арсени Јовков“ и екомотиваторите заедно со Градоначалникот.

Пред крајот на настанот следеше забавниот дел, каде што учениците не забавуваа со модна ревија, музички настап и слично, и на крај настанот заврши со екогерила во која учениците заедно со останатите гости со пароли и зелени маици го заобиколија училиштето и направија заедничка фотографија пред нацртаниот екокод.

ТВОРИМЕ СОЗДАВАМЕ И ЗБОРУВАМЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ на 12.12.2015 во 12 часот во Драмскиот театар, ја организираше Четвртата традиционална претстатава Твориме создаваме и зборуваме на македонски јазик под мотото Традицијата, фолклорот и обичаите наше културно наследство.
Нашите предци ни оставија во аманет да ги чуваме и негуваме нашата култура, традиција, обичаи, но и македонскиот јазик. Во програмата беа опфатени повеќе сегменти од јазикот и неговата употреба, преку соодветни драматизации и тоа: македонскиот јазик во македонската поезија, музика, македонската народна литература, во практиката и користењето на јазикот во секојдневната комуникација.

ВО СУГС „АРСЕНИ ЈОВКОВ“ Е СПРОВЕДЕНА ГАСИФИКАЦИЈА

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на СУГС „Арсени Јовков“, Јованка Аспровска,  на 19.10.2015  година  го  пуштија во употреба  новиот котел  на  гас  во  СУГС „ Арсени Јовков“.
„Денеска на почетокот на  грејната сезона  ги пуштаме во употреба котелите на гас во СУГС „Арсени Јовков“, каде што учаат околу 2.000 ученици,  дел од  проектот за гасификација на две училишта. Според пресметките, се  очекува  да се заштеди околу 50% од финансиските средства кои се трошеле за греење и повраток на инвестицијата за околу 4 години, истакна градоначалникот Трајановски.

Со реализација на овој проект Градот Скопје придонесува за подобрување на еколошката состојба на градот, затоа што ќе се замени користењето на течното гориво (масло за домаќинства, мазут) со природен гас, со целосно елиминирање на емисија на сулфур двооксид и саѓи, големо смалување на азотните оксиди и значително намалување на емисијата на јаглеродиоксид.

Мултикултурно етно катче со кукли во народни носии во СУГС „Арсени Јовков“

Во рамките на проектите од областа на креативните индустрии со поддршка на Министерството за култура, беше реализиран проект за запознавање на младите со традицијата, фолклорот и обичаите, како битни обележја на еден народ.
Целта на проектот беше младите (средношколци) да се запознаат со традицијата, фолклорот и обичаите и преку создавање креативен дух да го запознаат и осознаат својот идентитет, но и да го негуваат културното наследство од нашите предци.

ВКЛУЧИ СЕ, ПРЕПОЗНАЈ, ДЕЛУВАЈ!

Здружението на граѓани Младите можат во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, заедно со младите од СЕПУГС „Арсени Јовков“ започна со имплементирање на проектот „Вклучи се, препознај, делувај!“.

За таа цел на 06, 07 и 08 април беа одржани работилници на кои се работеше на зближување на учениците од различни етнички и религиски заедници, зголемување на мотивацијата и компетенцијата кај младите. На тридневните обуки совладуваа алатки како тие да станат активни во својата заедница, прифаќајќи ги вредностите на ЕУ во однос на граѓанското вклучување, едукација и волонтеризам.

Во текот на месец април и мај младите од СЕПУГС „Арсени Јовков“ добија можност директно да работат на решавање на проблемитекои тие самите ги детектираа за време на тренингот. На овој начин учесниците ќе можат да ти применат вештините кои ги стекнале и да влијаат на локално ниво.

АНИМИРАНИОТ ФИЛМ „ПРИКАЗНА ЗА ЗМЕЈОТ“ ДОБИ СПЕЦИЈАЛНА ПОФАЛНИЦА, ВОН КОНКУРЕНЦИЈА

Ученици и наставници, претставници на над 30 училишта од повеќе градови од земјава ја исполнија салата на Кинотеката на Македонија во Скопје, на свеченото доделување на наградите од конкурсот „Мулти-виа-медиа: Како го градиме соживотот во училиштата“, кое се одржа на 7 мај 2015 година. Многу насмеани лица, весела атмосфера, но и неизвесност и исчекување: сите се прашуваа – кои училишта ќе ги добијат вредните награди на овој конкурс кој го спроведуваа Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во соработка со Македонскиот институт за медиуми.

МАРКЕТИНГ ИНИЦИЈАТИВА НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА ПРОФЕСИОНАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА И ПРОГРЕС

Економијата и правото се навистина интересени области за изучување. Ќе се уверите во тоа особено ако дојдете во скопското економско-правно училиште „Арсени Јовков“. А, можеби и дополнително ќе се заинтересирате за „Арсени Јовков“, ако дознаете за фактот дека ова е првото стручно и единствено училиште во Македонија што учествува во меѓународен проект за претставување на креативноста на учениците преку размена со ученици во странство и работа во интернационални тимови. Проектот насловен како Маркетинг иницијатива на ученици за професионална орентација и прогрес (МИСПОП) го раководи професорот Зоран Златковски.

ЗА „ОТВОРЕН КРЕАТИВЕН ДЕН“ НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА СЕ БАРАШЕ СТОЛЧЕ ПОВЕЌЕ

За настанот во Театар „Комедија“ кој беше именуван како „Отворен креативен ден”, се бараше столче повеќе, а атмосферата беше загреана речиси исто како и за претстава на професионалните театарски ансамбли. Публиката имаше можност да ја погледне одличната мулитмедијална изведба на „Бегалка“ од Иљоски во изведба на учениците од СУГС „Арсени Јовков“.
Лени, место Ленче, носи кожна јакна и бега од дома матурата да ја прослави со Бошко, кому, пак, само што не му тргнал бизнисот. Оваа сценска приказна, насловена „Бегалка од 80-те“, направена по мотивите на „Бегалка“ од Васил Иљоски, а зачинета со музика и адаптирани сцени од филмот „Брилјантин“, беше одлична увертира за содржините што следеа во текот на вечерта.

Ветувачка креативна енергија, иден актерски потенцијал и младешки ентузијазам се почувствува вчеравечер на сцената на театарот „Комедија“, каде средношколците од шест средни скопски училишта, обединети во своите цели, на присутната публика искрено ѝ покажаа што научиле во изминатите месеци на работилниците за филм, театар и за медиумска култура, во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“.

Исто така, беа презентирани и кратки филмови и видео анимации кои ги изработија младите од работилницитеза филм и театар, за значењето на читачките навики во животот, но и за важноста на квалитетот на соживотот во Македонија.
„Драмските текстови се избрани со цел учениците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија“ – велат од „Арт медиа“, Здружението за развивање на уметност и културна соработка, кое го спроведува проектот.
Овој проект, во кој досега се вклучени средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, е поддржан од страна на Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.