Со куќниот ред се регулираат редот, дисциплината, односите меѓу учениците и наставниците, како и обврските поврзани со наставата во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје.

I. Обврски на учениците

  1. Учениците се должни да доаѓаат во училиштето пред почетокот на часовите. Часовите во претпладневната смена започнуваат во 07:30 часот и траат до 13:50 часот, а во попладневната смена од 14:00 до 20:20 часот. Ако ученикот задоцни на часот, должен е да го почека неговото завршување за да не го попречува текот на наставата.

  2. По ѕвоното што означува почеток на часот, учениците задолжително влегуваат во училницата и на своите места го чекаат предметниот наставник. Доколку наставникот не дојде по поминати 10 минути, претседателот на класот се јавува кај раководителот на смената.

  3. За време на наставата учениците седат на места определени од раководителот на паралелката или од предметниот наставник. Секој ученик е должен да внимава и активно да се вклучи во наставата. Учениците не смеат да го попречуваат текот на часот со неодговорен и недисциплиниран однос.

  4. Ученикот не смее да го напушти часот без одобрение од наставникот. За отсуство од повеќе часови потребно е одобрение од раководителот на паралелката. Доколку тој не е присутен, а ученикот мора итно да замине, одобрение дава раководителот на смената.

  5. Кога учениците немаат час, не смеат да го нарушуваат редот и текот на наставата во училиштето. За неодговорно и недисциплинирано однесување се преземаат соодветни педагошки мерки.

  6. Кога учениците одат на настава надвор од својата училница, во кабинет или во фискултурна сала, должни се да ги обезбедат своите лични работи, или дежурните ученици остануваат во училницата и се одговорни за изгубените работи. Дежурните ученици остануваат во училницата и за време на одморите. Училиштето не е должно да ја надоместува штетата за изгубените работи.

  7. За време на одморите учениците не треба да се задржуваат низ ходниците, освен по потреба.

  8. Сите ученици се должни да ги почитуваат и одржуваат редот и хигиената во училниците, ходниците, санитарните простории и училишниот двор.

  9. Забрането е пишување и оштетување на училишните клупи, столчиња, ѕидови и останатиот училиштен инвентар. Отпадоците се фрлаат во соодветните корпи, а не под клупите, на подот, во ходниците или во другите простории.

  10. Чувањето на училишниот имот е должност на секој ученик. Секоја штета предизвикана од учениците мора парично да се надомести. Дежурниот ученик треба веднаш да ја пријави направената штета кај раководителот на паралелката, училишниот домаќин или хаусмајсторот.

  11. Во секоја паралелка се организира дежурство на ученици, кои ги определува раководителот на паралелката. Дежурните ученици се должни:

    • да се грижат за редот, дисциплината и хигиената во училницата;
    • да ја бришат училишната табла и да подготвуваат прибор и нагледни средства за работа на наставникот;
    • задолжително да ги пријавуваат отсутните ученици на часот;
    • да внимаваат кој влегува во училницата за време на одморите;
    • да бидат присутни во училницата за време на кабинетската настава или престојот на останатите ученици во фискултурната сала;
    • веднаш да ја пријавуваат направената штета во училницата;
    • пред почетокот и по завршувањето на наставата да ја проверат училницата и да пријават кај одговорниот наставник доколку нешто не е во ред.
  12. Не е дозволено учениците да овозможуваат влегување на надворешни лица во училиштето, освен родител или старател. За прекршување на ова правило се изрекува педагошка мерка, бидејќи со тоа се нарушуваат редот и безбедноста во училиштето.

  13. Најстрого е забрането пушење во училиштето и внесување дрога и алкохол.

  14. Во секоја паралелка учениците избираат претставници на класната заедница:

    • Претседател, кој ги претставува интересите на учениците од паралелката во ученичката заедница на годината и на училиштето.
    • Благајник, за чија улога се избира совесен и одговорен ученик, задолжен за финансиската организација на паралелката.
    • Два члена на заедницата, кои соработуваат со претседателот, раководителот на паралелката и членовите на стручниот тим при решавањето проблеми поврзани со наставата, редовноста и дисциплината.

II. Однос кон наставата, редовноста и дисциплината

    1. Учениците се должни да бидат уредни и пристојни во облекувањето и изгледот кога доаѓаат на настава.

    2. Меѓусебниот однос на учениците, како и нивниот однос кон вработените и наставниците, треба да се заснова на почитување и културно однесување.

    3. Најстрого се забранува непочитување и нарушување на личноста, угледот и физичкиот интегритет на соучениците, вработените и наставниците, во и надвор од училиштето.

    4. Меѓусебните недоразбирања учениците ги решаваат на другарски начин, самостојно или во рамките на класната заедница. Доколку не успеат, се обраќаат кај раководителот на паралелката.

    5. Редовното присуство на наставата е обврска што мора да се почитува.

    6. За неисполнување на обврските и повреда на должностите на учениците се предвидени следните педагошки мерки:

      Неоправдани изостаноци Педагошка мерка
      Од 7 до 10 Писмена опомена од раководителот на паралелката
      Од 11 до 15 Писмена опомена од Советот на паралелката
      Од 16 до 20 Писмена опомена од директорот на училиштето
      Од 21 до 25 Писмена опомена пред отстранување од Наставничкиот совет
      Над 25 Отстранување од училиштето
    7. Ако ученикот отсуствува поради болест или други оправдани причини, родителот или старателот е должен да го извести раководителот на паралелката во рок од три дена. Во спротивно, ќе се смета дека ученикот самоволно го напуштил училиштето. За отсуството родителот треба да достави уредно писмено оправдување.

    8. Дозвола за оправдано отсуство дава:

      • за еден час — предметниот наставник;
      • за еден ден — раководителот на паралелката;
      • до 10 дена, со посебно образложение — директорот на училиштето;
      • над 10 дена, доколку отсуството е неопходно — Наставничкиот совет.
    9. Ученичките екскурзии и планираните едукативни посети се задолжителни за сите ученици. Отсуството треба да се оправда како и отсуството од другите наставни часови.