ОНЛАЈН СО ПРИРОДАТА – ДЕН НА ЕКОЛОГИЈАТА

По повод 21 март денот на екологијата, СЕПУГС „Арсени Јовков“ во соработка со Општина Бутел организираше настан во рамките на проектот „Онлајн со природата“. Темата која ја обработуваше настанот беше Здравјето и благосостојбата.

Настанот започна во 11 часот со настапот на децата од детската градинка „11 Октомври“ од Општина Бутел. После нивниот настап следеше обраќањето на градоначалникот на Општина Бутел, г-дин Велимир Смилевски после што следеше најавување на петте тимови кои имаа за задача да реализираат различни активности во врска со темата Здравјето и благосостојбата. За таа цел првиот тим, имаше вклучено 10 ученици кои пишуваа екопораки кои подоцна ги прочитаа, вториот тим облекоа залени маици кои им ги подари Општината Бутел и отидоа во екопатрола, делејќи флаери во врска со екологијата, третиот тим почна со цртање на екокодот на ѕидот од школото, четвртиот тим засади цвеќиња во дворот на училиштето и на крај петиот тим ја разубави целата манифестација со преубава ревија на модели од рециклиран материјал.

Откако тимовите започнаа со нивните активности, следеше презентација за чист воздух подготвена од ученици и професори.

После презентацијата започнаа предавањата од екомотиваторите, после што следеше дебата во која учествуваа ученици од СЕПУГС „Арсени Јовков“ и екомотиваторите заедно со Градоначалникот.

Пред крајот на настанот следеше забавниот дел, каде што учениците не забавуваа со модна ревија, музички настап и слично, и на крај настанот заврши со екогерила во која учениците заедно со останатите гости со пароли и зелени маици го заобиколија училиштето и направија заедничка фотографија пред нацртаниот екокод.

ТВОРИМЕ СОЗДАВАМЕ И ЗБОРУВАМЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ на 12.12.2015 во 12 часот во Драмскиот театар, ја организираше Четвртата традиционална претстатава Твориме создаваме и зборуваме на македонски јазик под мотото Традицијата, фолклорот и обичаите наше културно наследство.
Нашите предци ни оставија во аманет да ги чуваме и негуваме нашата култура, традиција, обичаи, но и македонскиот јазик. Во програмата беа опфатени повеќе сегменти од јазикот и неговата употреба, преку соодветни драматизации и тоа: македонскиот јазик во македонската поезија, музика, македонската народна литература, во практиката и користењето на јазикот во секојдневната комуникација.

АНИМИРАНИОТ ФИЛМ „ПРИКАЗНА ЗА ЗМЕЈОТ“ ДОБИ СПЕЦИЈАЛНА ПОФАЛНИЦА, ВОН КОНКУРЕНЦИЈА

Ученици и наставници, претставници на над 30 училишта од повеќе градови од земјава ја исполнија салата на Кинотеката на Македонија во Скопје, на свеченото доделување на наградите од конкурсот „Мулти-виа-медиа: Како го градиме соживотот во училиштата“, кое се одржа на 7 мај 2015 година. Многу насмеани лица, весела атмосфера, но и неизвесност и исчекување: сите се прашуваа – кои училишта ќе ги добијат вредните награди на овој конкурс кој го спроведуваа Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во соработка со Македонскиот институт за медиуми.

ЗА „ОТВОРЕН КРЕАТИВЕН ДЕН“ НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА СЕ БАРАШЕ СТОЛЧЕ ПОВЕЌЕ

За настанот во Театар „Комедија“ кој беше именуван како „Отворен креативен ден”, се бараше столче повеќе, а атмосферата беше загреана речиси исто како и за претстава на професионалните театарски ансамбли. Публиката имаше можност да ја погледне одличната мулитмедијална изведба на „Бегалка“ од Иљоски во изведба на учениците од СУГС „Арсени Јовков“.
Лени, место Ленче, носи кожна јакна и бега од дома матурата да ја прослави со Бошко, кому, пак, само што не му тргнал бизнисот. Оваа сценска приказна, насловена „Бегалка од 80-те“, направена по мотивите на „Бегалка“ од Васил Иљоски, а зачинета со музика и адаптирани сцени од филмот „Брилјантин“, беше одлична увертира за содржините што следеа во текот на вечерта.

Ветувачка креативна енергија, иден актерски потенцијал и младешки ентузијазам се почувствува вчеравечер на сцената на театарот „Комедија“, каде средношколците од шест средни скопски училишта, обединети во своите цели, на присутната публика искрено ѝ покажаа што научиле во изминатите месеци на работилниците за филм, театар и за медиумска култура, во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“.

Исто така, беа презентирани и кратки филмови и видео анимации кои ги изработија младите од работилницитеза филм и театар, за значењето на читачките навики во животот, но и за важноста на квалитетот на соживотот во Македонија.
„Драмските текстови се избрани со цел учениците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија“ – велат од „Арт медиа“, Здружението за развивање на уметност и културна соработка, кое го спроведува проектот.
Овој проект, во кој досега се вклучени средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, е поддржан од страна на Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.

ПРОЕКТ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, во СЕПУГС „Арсени Јовков“ се организираше вториот отворен дел од мултиетничката работилница на тема “United we stand, divided we fall” која се одржа на 04.03.2015 со почеток во 13:30.

Целта на работилницата е да се поттикне и зголеми интеракцијата и соработка помеѓу различните етнички групи застапени во училиштето истовремено насочувајќи ги учениците кон што поголемо проактивно вклучување во општествените теми кои се од заеднички интерес.

Одговорните професори беа Жана Живадиновиќ и Еневер Ајдини во соработка со триесетина ученици од училиштето кои наставата ја посетуваат на двата наставни јазика застапени во училиштето.

Притоа се реализираа 4 мини-работилници под работни наслови:

  • Музичка конекција;
  • Љубовта е посилна од омразата,
  • Да ја спасиме нашата планета и
  • Стоп за насилството во училиштата.

Заеднички научивме дека и покрај сите различности, ние сме еднакви и само сложно и солидарно може да чекориме напред кон нови успеси.

ХУМАНИТАРНА ПРОДАЖНА ИЗЛОЖБА НА КУКЛИ ВО НАРОДНИ НОСИИ

На 12 декември 2014 во фоајето на Драмски театар се одржа Хуманитарна продажна изложба на кукли во народни носии, изработени од учениците со помош на професорката по македонски јазик и литература Розита Закева, под мотото Традиција преточена во хуманост. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а поддржан од СУГС „Арсени Јовков“. Средствата собрани од овој настан беа донирани на Детската клиника во Скопје.

Целта на проектот е преку запознавање со фолклорот, традицијата и обичаите да се зачува и негува идентитетот на македонскиот народ, а тоа е македонскиот јазик. Истовремено ги насочуваме младите кон хуманоста и општествената одговорност.