ЧЕТВРТО МЕСТО НА НАТПРЕВАРОТ „ИЗРАЗИ СЕ ПРЕКУ МЕДИУМИТЕ“

На конкурсот „Изрази се преку медиумите“ на кој се натпреваруваа повеќе од 40 средношколци со изработени видеа, фото-приказни и постери на тема „(Де)конструирај ги медиумите: најди го значењето зад пораката“, Ивана Андреева ученичка во трета година го освои четвртото место. Преку медиумските производи средношколците го откриваа најчесто скриеното значење на медиумските пораки објавени на ТВ, радио, печатен или он-лајн медиум и како нивните содржини влијаат врз изборот на младите да купат нешто, да донесат одлуки или да размислуваат во одредена насока. Најдобрите производи ги избираше комисија составена од предавачи на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и од медиумски професионалци.

Целта на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ е да се поттикне медиумската писменост кај младите, кои на креативен начин ќе покажат дека умеат да ги толкуваат и критички оценат медиумските содржини на кои се постојано изложени. Конкурсот се реализираше во рамки на проектот „(Де)конструирај ги медиумите“ што го спроведе Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, со поддршка од Амбасадата на САД во Македонија.

ПРОЕКТ ЗА МЕЃУЕТНИЧКА ИНТЕГРАЦИЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Во рамки на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, во СЕПУГС „Арсени Јовков“ се организираше вториот отворен дел од мултиетничката работилница на тема “United we stand, divided we fall” која се одржа на 04.03.2015 со почеток во 13:30.

Целта на работилницата е да се поттикне и зголеми интеракцијата и соработка помеѓу различните етнички групи застапени во училиштето истовремено насочувајќи ги учениците кон што поголемо проактивно вклучување во општествените теми кои се од заеднички интерес.

Одговорните професори беа Жана Живадиновиќ и Еневер Ајдини во соработка со триесетина ученици од училиштето кои наставата ја посетуваат на двата наставни јазика застапени во училиштето.

Притоа се реализираа 4 мини-работилници под работни наслови:

  • Музичка конекција;
  • Љубовта е посилна од омразата,
  • Да ја спасиме нашата планета и
  • Стоп за насилството во училиштата.

Заеднички научивме дека и покрај сите различности, ние сме еднакви и само сложно и солидарно може да чекориме напред кон нови успеси.

ХУМАНИТАРНА ПРОДАЖНА ИЗЛОЖБА НА КУКЛИ ВО НАРОДНИ НОСИИ

На 12 декември 2014 во фоајето на Драмски театар се одржа Хуманитарна продажна изложба на кукли во народни носии, изработени од учениците со помош на професорката по македонски јазик и литература Розита Закева, под мотото Традиција преточена во хуманост. Проектот е финансиран од Министерството за култура, а поддржан од СУГС „Арсени Јовков“. Средствата собрани од овој настан беа донирани на Детската клиника во Скопје.

Целта на проектот е преку запознавање со фолклорот, традицијата и обичаите да се зачува и негува идентитетот на македонскиот народ, а тоа е македонскиот јазик. Истовремено ги насочуваме младите кон хуманоста и општествената одговорност.

(ДЕ)КОНСТРУИРАЈ ГИ МЕДИУМИТЕ

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во третата сезона на средношколскиот проект и веб страница www.medium.edu.mk започна нов проект. Целта на проектот е поттикнувње и охрабрување на тинејџерите да читаат и пишуваат користејќи ги техниките на новинарското изразување.

Учениците од десет средни училишта учествуваа на обука за новинарство во Високата школа за новинарство и односи со јавноста. Дали сме свесни колку медиумите ни ја менуваат перцепцијата за работите кои не опкружуваат? Целта на овие обуки е преку примери да се пренесат основните знаења за користењето на медиумите. Што е тоа медиум? Какви медиуми постојат? Како влијаат врз нас медиумите? Одговорите на овие прашања средношколците сами ги пронајдоа преку низа активности за медиумска и дигитална писменост. Оваа обука траеше шест часа и учениците се стекнаа со нови знаења. Имаше дискусии каде што учениците ги искажуваа своите ставови и мислења.

После обуките, учениците под менторство на своите професори по македонски јазик имаа за цел да напишат текстови за медиумска писменост. Овие текстови освен што треба да се објават на он-лајн весниците на своите училишта, тие ќе бидат објавени и на medium.edu.mk

10-те училишта кои беа опфатени на овие обуки се: “Арсени Јовков”, “Васил Антевски Дрен”, “Орце Николов”,  “Раде Јовчевски Корчагин”, “Никола Карев”, “Георги Димитров”, “Јосип Броз Тито”, “Браќа Миладиновци”, “Здравко Цветковски” и  “ЗефЉуш Марку”.

ОДБЕЛЕЖАНИ 70 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ

70-годишнината од ослободувањето на градот Скопје, Средното економско и правно училиште на Град Скопје „Арсени Јовков“ овој настан го одбележа со три активности. Сите активности беа спроведени во просториите на училиштето, а во истите учествуваа ученици заедно со нивните професори-ментори. Беше организирано литературно читање на тема – Градот мој, ликовна изложба на тема – Скопје некогаш и сега и одбојкарски натпревар.

„ЗНАЕЈЌИ ПОВЕЌЕ ЗА ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗНАЕМЕ ПОВЕКЕ ЗА НАС“ – Едукација на средношколци за европските интеграции

Европското  движење на Р.Македонија (ЕДРМ)  во соработка со Градот Скопје во текот на првото полугодие во СУГС „Арсени Јовков“ и уште четири училишта во градот Скопје го реазлираа проектот од едукативен карактер со наслов: Знаејќи повеќе за Европа и Европската унија знаеме повеќе за нас.
Учениците имаа можност во текот на ноември и декември во своите училишта да се запознаат со основните принципи на формирање и функционирање на ЕУ, како и за актуелностите во ЕУ и нејзиното проширување. Наставата ја одржаа магистри и докторанти на студиите по европеистика. Потоа беше одржано едно пригодно предавање за сите ученици во салата на Собранието на Град Скопје, а на 10 јануари 2015 година се одржа и квиз натпревар посветен на Европската унија, на кој учествуваа пет екипи (секоја по три ученика).

Од 30 јануари до 1 февруари осум ученички од прва година под менторство на проф. Марина Цвтаноска учствуваа на тридневниот семинар, стручни симулации за Европската унија, кој се одржа во Крушево (Хотел Монтана). На работилниците, во рамките на програмата за едукација на Фондацијата Конрад Аденауер, учениците имаа можност практично да ја симулираат работата на Европската Унија и со тоа да ги прошират и збогатат знаењата. Зимската едукативна школа освен знаење вклучи и забава, така што младите имаа можност за дружење и прошетка низ Крушево.

НЕ! ЗА УШТЕ ЕДНА ЖРТВА, СТОП ЗА РОДОВОТО И СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО!

Женската граѓанска иницијатива АНТИКО во соработка со граѓанското здружение Мултикултура и канцеларијата на Европската унија во Македонија на петти декември 2014 година во СУГС „Арсени Јовков“ одржаа предавања под мотото „Не! За уште една жртва! СТОП за родовото и семејното насилство“. Учениците имаа можност да се запознаат за формите на семејното и родово насилство, но и да научат за мерките и механизмите за заштита од ваквите типови на насилство, кои во последно време земаат сѐ поголем замав. На предавањата учениците активно учествуваа и упатија јасна порака: „Извини нема да ја ублажи болката, бакнеж нема да ја покрие лузната, подарок, нема да ја врати самодовербата.

УЧЕСТВО НА VII МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ ЗА ТЕАТАР, МУЗИКА И ТАНЦ „УТРИНСКА ЅВЕЗДА“ ВО БАНСКО, Р БУГАРИЈА

Во рамките на поттикнување на креативноста и натпреварувачкиот дух на учениците од СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје, а со цел промовирање на македонската култура и афирмација на македонската држава на меѓународно поле, како и поттикнување и создавање на чувство на одговорност и дружење со децата од другите европски држави Романија, Бугарија, Унгарија, Украина, Казахстан и Македонија учениците учестувуваа на Меѓународен фестивал во Банско, Р Бугарија.

Фестивалот беше со натпреварувачки карактер. Во категоријата за талентирани деца до 16 години во областа на музиката учениците на СУГС „Арсени Јовков“ со својот бенд „Пулс“ освоија второ место. Бевме поканети да гостуваме во ТВ Сител како промотори на Македонија. Истиот настан беше проследен и на порталот www.marili.com.mk, и во средношколскиот весник Медиум.

ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Со велосипедска парада Градот Скопје го одбележа 22 септември – Меѓународен ден без автомобили. Парадата старуваше во 12 часот на плоштадот Пела и движеше низ центарот на градот: Плоштад “Македонија” – ул. “Македонија” – бул.” Димитрија Чупоски” – бул. “ВМРО” – бул.” Илинден”, а ќе заврши кај Градски Парк кај Школка.

Карванот со велосипеди, го предводеше градоначалникот Коце Трајановски, евроамбасадорот Ерван Фуере и министерот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи. Во парадата учествуваат и ученици од нашето училиште. Професор-ментор беше професорот по спорт и спортски активности Крсте Војнески.

БЕСПРЕКОРНА ИГРА НА ФУДБАЛЕРИТЕ ОД “АРСЕНИ ЈОВКОВ“

Машката фудбалска екипа на “Арсени Јовков“ предводена од професорот Марко Бајевски ги руши сите рекорди. Во групната фаза со максимален број бодови, екипата на “Арсени Јовков“ се пласираше во четвртфиналето на турнирот каде што учество земаа сите средни училишта на Град Скопје.

Нашата екипа силите ги одмери со СУГС “Орце Николов“, момците одиграа извонредно и не дозволија изненадувања. Една од подобрите екипи падна со резултат од 5:1.