ЗА „ОТВОРЕН КРЕАТИВЕН ДЕН“ НА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ВО ТЕАТАР КОМЕДИЈА СЕ БАРАШЕ СТОЛЧЕ ПОВЕЌЕ
За настанот во Театар „Комедија“ кој беше именуван како „Отворен креативен ден”, се бараше столче повеќе, а атмосферата беше загреана речиси исто како и за претстава на професионалните театарски ансамбли. Публиката имаше можност да ја погледне одличната мулитмедијална изведба на „Бегалка“ од Иљоски во изведба на учениците од СУГС „Арсени Јовков“.
Лени, место Ленче, носи кожна јакна и бега од дома матурата да ја прослави со Бошко, кому, пак, само што не му тргнал бизнисот. Оваа сценска приказна, насловена „Бегалка од 80-те“, направена по мотивите на „Бегалка“ од Васил Иљоски, а зачинета со музика и адаптирани сцени од филмот „Брилјантин“, беше одлична увертира за содржините што следеа во текот на вечерта.
Ветувачка креативна енергија, иден актерски потенцијал и младешки ентузијазам се почувствува вчеравечер на сцената на театарот „Комедија“, каде средношколците од шест средни скопски училишта, обединети во своите цели, на присутната публика искрено ѝ покажаа што научиле во изминатите месеци на работилниците за филм, театар и за медиумска култура, во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“.
Исто така, беа презентирани и кратки филмови и видео анимации кои ги изработија младите од работилницитеза филм и театар, за значењето на читачките навики во животот, но и за важноста на квалитетот на соживотот во Македонија.
„Драмските текстови се избрани со цел учениците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија“ – велат од „Арт медиа“, Здружението за развивање на уметност и културна соработка, кое го спроведува проектот.
Овој проект, во кој досега се вклучени средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, е поддржан од страна на Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.